Најмалку осум загинати во инцидент на Mенхетн
Напаѓачот кој на Менхетн во Њујорк усмрти осум, а повреди 11 лица е идентификуван како Сајфуло Саипов со потекло од Узбекистан. Њујоршката полиција го застрела. Со повреди во стомакот е префрлен во болница. Во камионот е пронајдена порака на англиски- нападот е во име на Исламска држава...

Најмалку осум луѓе загинале, а 11 биле повредени на Менхетн во Њујорк, кога камионет движејќи се по велосипедска патека прегазил неколку велосипедисти и пешаци, пред да удри во училишен автобус.
Според полицијата по судирот возачот излегол од возилото и извадил „пејнт-бол“ пиштол, по што бил застрелан од полицајци и уапсен. При совладувањето бил ранет во стомакот, поради што бил префрлен во болница. Полицијата го третира случајот како терористички чин, но не трага по други осомничени. Очевидци изјавиле дека пред да биде совладан од полицијата напаѓачот извикувал „Алах е голем“.
Идентификуван е како Сајфуло Саипов, 29-годишен Узбекистанец кој што во САД пристигнал во 2010-та година.
Шестмина од загинатите починале на самото место на инцидентот, а уште двајца подоцна в болница им подлегнале на повредите.
Инцидентот се случи на брегот на реката Хадсон во јужниот дел на Менхетн, пред зградата на елитна државна гиманзија во близина на седиштето на локалната власт на Њујорк и Светскиот трговски центар.
Њујоршкиот градоначалник, Бил де Бласио го оцени инцидентот како „кукавички чин на тероризам, чија цел се невини цивили“. Американскиот претседател Трамп рече дека нападот во Њујорк е дело на „многу болен и ненормален човек“ и додаде дека безбедносните служби внимателно ја следат состојбата. Во порака на Твитер напиша дека наредил Министерството за внатрешна безбедност уште повеќе да ја засили програмата за проверка на странците кои сакаат да влезат во САД.
Доколу се потврдат сомнежите дека инцидентот е чин на тероризам, тоа ќе биде прв терористички напад со исламистичка заднина во САД, откако Трамп ја презеде претседателската функција.
Марина Ристова
