Апелација решава дали снимките од прислушуваните разговори се доказ за „Тендери“
Поради неодложни службени обврски на претседателката на Кривичниот совет и претседател на Апелација, Лилјана Ивановска- Шопова, вчерашната седница беше одложена.

Апелацискиот суд расправа дали снимките од прислушуваните разговори ќе можат да се користат како доказ во случајот „Тендери“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство.
Поради неодложни службени обврски на претседателката на Кривичниот совет и претседател на Апелација, Лилјана Ивановска- Шопова, вчерашната седница беше одложена.
Советот за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд, пред повеќе од еден месец ги одби таканаречените „бомби“ како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.
Во случајот „Тендери“ е обвинета поранешната министерка за култура, Елизабета Канчевска- Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на револуционерната борба и за „Скопје 2014“.
Во „Топлик“ се осомничени шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
Снимките од прислушуваните разговори како докази се прифатени во предметите „Триста“ и за „Насилство во Центар“ во кој обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски. Отфрлени се за „Титаник“, „Тенк“, „Тифани“ и „Тревник“.
