Формирана експертска група за реформи по аферата со прислушувањето

01.11.2017 12:39

Силјан Аврамовски на чело на експертската група за реформи по аферата со прислушувањето. Ќе се имплементира планот за реализација на препораките од Прибе. Групата е составена од 29 члена, со претставици на Министерствата, на Собранието, на правосудството, на Народниот правобранител, како и членови од академско-научната дејност...

Владата формираше работна група за изготвување и следење на имплементација на планот на препораките од Прибе во врска со следењето на комуникациите од 2015- та година. За претседател е именуван Сиљан Аврамовски од Министерството за внатрешни работи. Тој и тимот составен од 29 експерти ќе го контролираат спроведувањето на реформите.

„Оваа група е составена од 29 членови, вклучувајќи и претставници на министерствата, на експертската јавност, на Собранието на Република Македонија, Народниот правобранител, и има членови од академско- научната дејност. Оваа група ќе ја следи имплементацијата на мерките според извештајот на Прибе, во однос на реформите на разузнавачките служби“, изајви владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Во делот на здравството, Владата донесе одлука по итна постапка да набави 40 инкубатори за 12 здравствени установи. Дваесет и четири ќе бидат поставени на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, шест на Клиниката за детски болести, останатите десет инкубатори се наменети за клиничките и општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар, Струмица и гинекологијата во Чаир.

Дополнително Владата одлучи да го затвори почесниот конзулат во Шпанија и да го отповика конзулот на Македонија во Барселона. Од Владата објаснуваат дека тој извршил кривично дело што е пречка за понатамошно извршување на функцијата.

Викторија Милевска