29- годишниот Сајфуло Саипов од Узбекистан е напаѓачот што во Менхетн уби 8, а рани 11 лица

01.11.2017 12:47

Напаѓачот кој на Менхетн во Њујорк усмрти 8, а повреди 11 лица е идентификуван како Сајфуло Саипов со потекло од Узбекистан. Њујоршката полиција го застрела. Со повреди во стомакот е префрлен во болница. Во камионот е пронајдена порака на англиски- нападот е во име на Исламска држава...

Најмалку осум луѓе загинале, а 11 биле повредени на Менхетн во Њујорк, кога камионет движејќи се по велосипедска патека прегазил неколку велосипедисти и пешаци, пред да удри во училишен автобус. Според полицијата по судирот возачот излегол од возилото и извадил „Пејнт-бол“ пиштол, по што бил застрелан од полицајци и уапсен. При совладувањето бил ранет во стомакот, поради што бил префрлен во болница.

Полицијата го третира случајот како терористички чин, но не трага по други осомничени. Наводно во камионетот била пронајдена порака поради што властите се сомневаат дека нападот бил режиран од страна на ИД. Очевидци изјавиле дека пред да биде совладан од полицијата напаѓачот извикувал „Алах е голем“. Идентификуван е како Сајфуло Саипов, 29-годишен Узбекистанец, кој што во САД пристигнал во 2010-та година.

Беше три часот попладне кога слушнав силна врева. Видов камион како се движи по патеката за велосипеди и тргнав во таа насока. На патеката видов неколку тела и тогаш слушнав и истрели. Многу полицајци трчаа кон местото каде што се наоѓав, не знаеа што се случува, беа збунети како и сите други“- вели сведок на инцидентот.

Пет од шестмината загинати кои починале на самото место на инцидентот биле од Аргентина, а останатите двајца подоцна в болница им подлегнале на повредите. Њујоршкиот градоначалник Бил де Бласио го оцени инцидентот како „кукавички чин на тероризам, чија цел се невини цивили“.

Ова е мошне тежок ден за нашиот град. Знаеме дека нападот имаше намера да го скрши нашиот дух, но исто така сите ние знаеме дека њујорчаните се силни и ништо нема да не заплаши“, рече градоначалникот Бил де Бласио.

Узбекистанскиот претседател им понуди помош на американските власти во истрагата. Претходно официјално лице од узбекистанското Министерство за надворешни работи рече дека неговата земја проверува дали напаѓачот е државјанин на таа земја.

Американскиот претседател Трамп рече дека нападот во Њујорк е дело на „многу болен и ненормален човек“ и додаде дека безбедносните служби внимателно ја следат состојбата. Во порака на Твитер напиша дека наредил Министерството за внатрешна безбедност уште повеќе да ја засили програмата за проверка на странците кои сакаат да влезат во САД.

Доколу се потврдат сомнежите дека инцидентот е чин на тероризам, тоа ќе биде прв терористички напад со исламистичка заднина во САД откако Трамп ја презеде претседателската функција.

Марина Ристова