Самит „Македонија 2025“

За мали држави е потребна отворена економија и политичка стабилност

01.11.2017 15:36

Во Скопје по шести пат се одржува самитот на организацијата „Македонија 2025“, составена од бизнисмени од земјава и од дијаспората. Испратени клучните пораки – за мали држави е потребна отворена економија, поволна бизнис- клима, конкуретни трошоци, но и политичка стабилност...

Само преку моделот на отворена економија и стабилна и атрактивна бизнис-клима за инвестирање, со вложување во иновации и во образование, малите држави можат да обезбедат солиден економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Ова се дел од пораките на панелистите упатени до над 500-те учесници на шестиот Самит „Македонија 2025“ што денеска и утре се одржува во Скопје. Ангажманот преку платформата „Македонија 2025“ се огледа во соработка, презентирање на предностите и убедување на странските компании кои разгледуваат можности да инвестираат во Македонија дека земјата е добро место за вложување, изјави Џон Битоф, основач на канадската компанија Обелиск и еден од директорите на Македонија 2025. Преку СЕАФ фондот, досега од САД и од Канада во земјава се инвестирани 2 до 3 милиони долари, вели Битоф, најавувајќи нова програма за бизнис- менторство.

„Ќе го објавам почетокот на една програма што ќе ја финансира моето семејство. Ќе носиме директори од САД и од Канада, коишто ќе работат со луѓе од Македонија, со претприемачи овде. Да им помогнат во нивните бизнис-планови, да понудат менторство и да им помогнат да пораснат нивните фирми, и сето тоа да донесе понатаму напредок во Македонија“, изјави Џон Битоф- член на Одборот на директори на „Македонија 2025“.

Говорејќи за сличностите на Македонија и Ерменија, инвеститорот Рубен Вардањан нагласи дека освен ангажманот на дијаспората, образовниот систем и Владата, потребна е соработка за испраќање млади кадри во странство на усовршување.

„Ми се чини дека главниот предизвик е борбата да се задржат талентираните луѓе да останат во земјата. Да играат своја улога, и транспарентноста, и да нема корупција. Меѓутоа, најважно е да се создаде систем каде што младите ќе можат да си ги остварат своите соништа и да бидат и понатаму двигатели на промените“, смета Рубен Вардањан- инвеститор од Руската Федерација.  

Израелското искуство покажува дека годишно во иновации се вложуваат 400 милиони долари, а клучни за растот се претприемништвото, стартапите и бизнис-акцелераторите.

„Ако некогаш најпосакувана професија беше правник или доктор, сега тоа е претприемач. Кон тоа е насочено образованието во Израел, и во многубројните стартапи“, вели Дана Гавиш Фридман, Универзитет Бен Гурион- Израел.

Во обраќањето на Самитот, премиерот Заев нагласи дека новите иницијативи во регионот бараат силно партнерство меѓу владите, приватниот сектор, меѓународната заедница и донаторите. Целта, според него, е да им се даде сигурност на повеќе од половина милион компании кои работат во земјите од регионот за да можат да инвестираат, да вработуваат и да растат.

 

Свето Николовски