Приведен Сокол Митровски, ОЈО истражува незаконска приватизација на општинско земјиште
Приведен поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, заедно со уште осуммина. Обвинителство соопшти дека постои основано сомнение дека овозможиле незаконско приватизирање на општинско земјиште, ја злоупотребиле службената положба. Штетата се проценува на повеќе од 4 милиони денари. Доставен предлог за мерки за претпазливост. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за тортура врз политички неистомисленици...

Поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски е приведен под сомнение за овозможување незаконска приватизација на земјиште кое било во сопственост на општината. Освен за него, се преземаат дејствија и против повеќе други инволвирани лица. На приватизацијата и претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка е извршена легализација на објектите и приватизација на земјиштето.
Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од едно евро за квадратен метар, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока, се вели во соопштението од Обвинителството. Од МВР потврдуваат дека се извршени претреси на повеќе локаци.
„Извршени се претреси на девет локации, приведени се исто толку лица во оваа постапка. Пријавата е предадена на судот кој треба да работи во однос на оваа постапка“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија врши тортура врз политичките неистомисленици и продолжува со политичките хајки врз членовите на оваа партија.
„Генералот Сокол Митровски кој беше досегашен градоначалник на Општина Ѓорче Петров ниту е криминалец, ниту сторил нешто за полицијата да се изживува со него и неговото семејство на ваков начин. Ова е само продолжување притисокот кој го врши СДС и понижување на Македонија и сѐ што е македонско, и тоа преку државните институции кои се користат како средство за пресметка со политички неистомисленици “, изјави Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Сокол Митровски беше градоначалник на општина Ѓорче Петров од 2005-та до 2017-та година.
Ана Јосифоска- Тодоровска
