Пресуда за „Дива населба“
Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација. Адвокатите на обвинетите, пак, бараат ослободителни пресуди, бидејќи според нив има недостаток на докази за стореното кривично дело...

Скопскиот Кривичен суд денеска треба да ја соопшти пресудата за настаните во кумановската Дива населба во мај 2015-та година во кои загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили.
Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но беше одложена поради локалните избори на барање на МВР.
Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација. Адвокатите на обвинетите, пак, бараат ослободителни пресуди, бидејќи според нив има недостаток на докази за стореното кривично дело.
На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
МВР соопшти дека поради одржување на судското рочиште за „Дива населба“ сообраќајот околу зградата на Основниот суд- Скопје повремено ќе биде пренасочен.
