Трамп: Смртна казна за напаѓачот од Менхетн
Трамп бара смртна казна за узбекистанецот Саипов којшто со камионет изврши терористички напад во Њујорк. Белата куќа го прогласи за непријателски борец, и со Конгресот најави процес за укинување на лотаријата за зелена карта...

Претседателот на САД, Доналд Трамп бара смртна казна за напаѓачот кој со камионет усмрти и повреди цивили на Менхетн. „Терористот од Њујорк ентузијастички побара да го развее знамето на групата „Исламска држава“ во болничката соба. Уби осуммина, а повреди дванаесет луѓе. Треба да добие смртна пресуда“. Челникот на Белата куќа најави и укинување на лотаријата за Зелена карта, нагласувајќи дека во вакви ситуации не треба да се применува политичката коректност.
„Лотарија за разновидност на населението- баш звучи убаво. Но, не е така. За нас, тоа не се покажа како добра работа. Затоа сум против неа. Со Конргесот почнуваме процес за укинување на програмата. Сакаме програма базирана на заслуги. Не сакаме групна миграција. Овој човек дојде и доведе со себе дваесетина други луѓе“, изјави претседателот Трамп.
29-годишниот Узбекистанец Сајфул Саипов е обвинет за тероризам, давање материјална поддршка и ресурси на странска терористичка организација, за насилство и за предизвикување штета со моторно возило. Призна дека бил инспириран од видеоснимки на Исламска држава. Празникот „Хеловин“ го избрал за датум поради зголемениот број луѓе на улиците. Доколку не бил спречен од полицијата, нападот ќе го проширел и кон Бруклинскиот мост. Познајниците тврдат дека бил проблематичен член на заедницата, но не учествувал во насилни инциденти. Не бил на списокот на ФБИ, но контакирал со Узебикстанец кој бил под надзор на Бирото.
„Беше проблематичен и во нашата заедница, се расправаше со многумина. Немаше физичка пресметка, но беше дрзок. Не доаѓаше на предавањата од локалниот имам. Кога живееше во Охајо, не забележав радикални ставови кај него“, изјави Миракмат Муминов, познајник на напаѓачот.
Саипов е прогласен за „непријателски борец“, термин воведен по нападите од 11-ти септември, а употребен за затворање на стотина осуденици во Гванатанмо и други слични казнени центри. ФБИ трага и по втор осомничен учесник во нападот.
Маја Филдишев
