Дрекселмајер го воскресна Кавадарци
Во моментов во фабриката на Дрекселмајер работат 3.531 лице. Се работи во три смени, а превозот е обезбеден. Ангажирана е работна сила од Кавадарци, но и од околните места: Велес, Неготино, Градско, Росоман, Демир Капија...

Утрински метеж пред Агенцијата за вработување во Кавадарци. Се решаваат тестови, се оди на интервју за работа во новата фабрика на Дрекселмајер. На распишаните огласи се бараат различни кадри, од општи работници на лента, преку сметководители и администратори, па сè до повисоките работни позиции.
„Не беа тешки прашањата. Ова е убава можност за младите, зашто нам ни треба работен стаж. Очекувам да ме повикаат, бев на интервју...Ни покажаа снимки од начинот на работа во Дрекселмајер, јас имам некое претходно искуство, добро е...Оваа фабрика за градот значи напредок, се вработува младината. Колку повеќе вработени, толку поарно...Се нудат добри поволности, работата е во затворен простор и затоа сакам да работам. Имам завршено средно училиште, машински техничар...“, велат дел од кандидатите за вработување.
Во моментов во фабриката на Дрекселмајер работат 3.531 лице. Се работи во три смени, а превозот е обезбеден. Ангажирана е работна сила од Кавадарци, но и од околните места: Велес, Неготино, Градско, Росоман, Демир Капија. За да го обезбеди потребниот профил работници, Дрекселмајер соработува со Агенцијата за вработување.
„Нема ограничувања. Се бара кадар и со основно и со средно училиште, а има пријавено и со виша, со факултет, но и магистри на науки. Најпрвин се заснова работен однос на 3 месеци, а ако работникот се покаже како добар договорот се продолжува. Сакам сите да слушнат дека секое лице има право и можност да се пријави на огласите“, вели Благојчо Борисов, раководител на Агенцијата за вработување – Кавадарци.
Силвија Ѓорѓиева е вработана во Дрекселмајер уште од почетокот, а поминала обука во Романија. Таму работи и нејзината ќерка.
„Дрекселмајер многу ни помогна за нашиот семеен буџет. Ни се отвори вратата за да оствариме дел од нашите соништа. Сега имаме здравствено осигурување, личниот доход го добиваме навреме и можеме да планираме“, изјави Силвија Ѓорѓиева, тим лидер во Дрекселмајер.
И од Општина Кавадарци велат дека инвестицијата на Дрекселмајер е од големо значење за градот. Се влеваат повеќе пари во општинската каса.
„На Дрекселмајер се гледа како златна кокошка за Кавадарци. Не само поради финансискиот ефект за општината, туку пред сè поради зголемувањето на куповната моќ на граѓаните. Во моментов компанијата не користи никакви субвенции од Општината, напротив, ние имаме бенефит од нивната општествена одговорност“, објаснува Александар Панов, градоначалник на Кавадарци.
Инвестицијата на Дрекселмајер изнесува 35 милиони евра. Компанијата во Кавадарци произведува кабелски инсталации за автомобилската индустрија, а веќе е сè поизвесно дека ќе биде натфрлен првично предвидениот број вработени.
Дрекселмајер е присутен во повеќе од 20 земји на четири континенти, и вработува околу 50 илјади луѓе.
Мартин Пушевски
