Регионална економска конференција во Будва

Заев: Активна соработка меѓу земјите од регионот за напредок кон ЕУ и НАТО

02.11.2017 14:39

Европската унија ја посочи 2025-та како година на следното проширување. Западниот Балкан преку Берлинскиот процес, но и другите иницијативи е блиску до оваа можност. Сепак, треба многу да се вложува во инфраструктурата, во заеднички енергетски проекти, нагласија учесниците на економската конференција во Будва...

Целиот регион мора да оди напред, кон ЕУ и НАТО, а само ако регионот ја унапреди соработката може да ги оствари овие стратешки цели. На крајот сѐ се сведува на економија, дури и нашето членство во ЕУ и НАТО, рече премиерот Заев на регионалната „Економска конференција на Црна Гора 2017 – предизвици на патот кон ЕУ“ што се одржува во Будва.

Како што соопшти владината прес служна, премиерот посочил дека е важна успешната соработка помеѓу државите, бидејќи само заедно, како поголем економски пазар, можат да бидат поатрактивни за меѓународната економска и бизнис заедница.

„Мора заедно да ја испраќаме пораката во нашите држави дека многу работи зависат од нас. Преку размена на искуствата, мобилност, квалификувана работна сила, политичката клима на соработка, соработката на коморите, искоренувањето на корупцијата праќаме силен сигнал дека овој регион може да биде атрактивно место за инвестирање“, додаде премиерот Заев.

Сите сакаме да бидеме членки на ЕУ и на НАТО, пред сѐ поради квалитетот на живот на нашите граѓани. Да работиме заедно кон оваа цел- повика меѓу другото премиерот Заев.

На конференцијата е констатирано дека раководствата на земјите од регионот се среќаваат 7-ми пат за неколку месеци, што не се случило никогаш досега. Оценето е дека Берлинскиот процес ги дава резултатите, затоа што само низ инфраструктурна, комуникациска соработка, е можно да се постигне и поактивна економска соработка, којашто е важна за сите земји од регионот.

Сето ова, како што констатираа премиерите и високите владини претставници на земјите од Западен Балкан, е важна порака колку регионот е зрел и свесен дека само силната и цврста соработка го носи регионот поблиску кон стратешките цели на државите, ЕУ и НАТО.