Климатските промени стануваат сериозен ризик за здравјето на животните
Климатските промени и кај нас стануваат сериозен ризик фактор за здравјето на животните. Експертите и советниците на АПРЗ во акција да ги обучат сточарите со цел како да се справат со влијанието на топлотниот стрес и вектор- преносливите болести кај добитокот. Обуката се одвива во рамките на проектот ФАО и светската организација за храна. Кога е во прашање превентивата, сточарите сѐ уште се со ниска едукација...

Сточарите мора забрзано да се обучуваат за справување со климатските промени и адаптирање на нивното производство за надминување на последиците, велат експертите. Негативните влијанија веќе ги чувствуваат и нашите фармери преку директното влијание на топлотниот стрес и индиректно преку вектор- преносливите болести. Во првиот случај, кај високомлечните крави продуктивноста паѓа за една третина. Низ тригодишниот опит на една поголема фарма, експертите поудиле сет мерки.
„Инсталиравме одредени системи за разладување на високомлечните крави, но одевме од тоа да бидат поевтини за да секој сточар тоа може да го аплицира. И со опитот следната година тој пад на продуктивноста беше минимален, во што имаа можност да се уверат и самите сточари“, изјави професорот на Факултетот за зејоделски науки и храна, д-р Методија Трајчев.
Во поново време имаме позачестена појава на таканаречените вектор- преносливи болести, како што се јазлезтата кожа, западнонилската треска, синиот јазик кај овците, и ги пренесуваат комарците.
„За овој случај, дел од мерките се во делот на исхраната и сместувањето на добитокот, како и одржувањето и оросувањето на објектите“, вели земјоделскиот инженер Илчо Маролов.
„Најдобро се превенира со уништување на живеалиштата на векторите, мора да се прави дезинфекција, дезинфекција, дератизација и низа други зафати, со цел да се уништат тие вектори“, вели раководителот на одделение при АПРЗ- Битола, Зоран Бардаковски.
Констатацијата на експертите е дека ниту најголемиот дел од објектите се прилагодени на овие нови појави, ниту сточарите имаат висока стапка на едуцираност. Минатогодишната појава на болстите јазлеста кожа и син јазик навестуваат дека сточарите многу почесто ќе се соочуваат со овие предизвици, и доколку не бидат подготвени правилно да реагираат- економските последици можат да бидат големи.
Стевче Митревски
