Заев: Бизнисот да го искористи моментот и да помогне во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ
„Бизнисот да го искористи моментот и да помогне во интеграцијата на Западниот Балкан во Унијата“- порача премиерот Заев на регионалната конференција во Будва. Брисел испраќа сигнали за проширување. Констатирано- единствена шанса за напредок е соработката меѓу земјите од окружувањето.

Кои се економските предизвици на патот кон Европската Унија. Брисел отворено испраќа сигнали за нов бран проширување во 2025-та, но дали Западниот Балкан е подготвен за интеграција во Унијата. Неколку премиери од регионот во Будва ги резимираа четирите години од востановувањето на Берлинскиот Процес.
„Целиот регион мора да оди напред. Само со соработка можеме да одиме напред. Бизнисот да го искористи овој момент и така да ни помогнат во интеграцијата. Ако бизнисмените имаат повеќе пари тогаш и граѓаните ќе имаат повеќе пари. Така мора да биде и со соработката во Западниот Балкан. И мораме повеќе да работиме на дигитализација на економијата, тоа е иднината и пораката до ЕУ. Секако и политичката клима, искоренувањето на корупцијата, тоа се важни наши пораки. Владите мора да бидат јавен сервис на граѓаните и на бизнис заедницата“, изјави премиерот Заев.
Кај нас има професори и наставници, но немаме образовани работници. Затоа сега настапува дуалното образование, според германскиот модел. Мора да се смени деловниот менталитет, рече македонскиот премиер. Босанскиот претседавач Звиздиќ постави интересна дилема, кога Сараево ќе биде директно поврзано со Скопје или Белград. Потпретседателката на албанската влада го посочи проблемот со извозот и увозот со Србија, поради политичката клима.
„Некоја рамка е спомната од Европската Унија, тоа е 2025-та година. Црна Гора сака и пред тоа да се интегрира. Ние веќе затворивме 28 поглавја и се надевам дека за време на Бугарското претседавање со Унијата ќе ги затвориме сите поглавја. Да кажам и дека членството во НАТО, последниве пет месеци ги поттикна странските инвеститори кај нас“, рече Душко Марковиќ, премиер на Црна Гора.
„Имаме инвестирано 10 милијарди евра, но мислиме дека најмалку имаме во Западен Балкан. И натаму вложуваме во проекти за борба против корупцијата, за да регионот се доближи до стандардите на Унијата“, изјави Пјер Хеилброн, потпретседател на Европската Банка за обнова и развој.
Следната конференција на Берлинскот Процес се одржува во Лондон, а претходно Софија, идниот претседавач со Унијата ќе се обиде на мини- самит да ја забрза евроинтеграција на овие земји.
Западниот Балкан има потенцијал, но треба многу повеќе да се работи на заедничките проекти во инфраструктурата, во енергетиката, во вработувањето, особено на младите. Премиерот Заев на конференцијата во Будва ја нагласи и неопходната дигитализација на економијата.
Зоран Богатинов, специјален известувач од Будва за МРТ
