НБРМ ги ревидираше економските проекции

Раст на БДП од 0,5% годинава, 3,2% во 2018-та

02.11.2017 16:09

Народната банка ги ревидираше економските проекции. За годинава се прогнозира раст од 0,5 проценти, во 2018- та од 3,2 насто. Монетарната власт очекува позитивно влијание од стабилизирањето на политичкиот амбиент. Гувернерот Богов не очекува зголемувањето на акцизата да има позначително влијание врз инфлацијата.

Народната банка ја ревидираше проекцијата на раст на БДП за годинава на 0,5 нaсто. Претходно, во априлската проекција изнесуваше 2,5 проценти. Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, рече дека ваквите проекции се должат на негативните резултати од првиот квартал, падот на индустриското производство и на градежништвото. Подобри економски показатели се очекуваат во четвртиот квартал. Инфлација за годинава се прогнозира на 1,3 проценти.

Народната банка за следната година прогнозира раст од 3,2 проценти и динамизирање на економската активност во 2019-та со позитива од 3,5 отсто. Богов рече дека се очекува стабилен амбиент, зголемување на извозот, на странските инвестиции, стабилни цени, солиден депозитен и кредитен раст. Богов очекува зголемување на довербата кај домашните субјекти и раст на личната потрошувачка.

Од Народната банка не очекуваат директни ефекти од зголемувањето на акцизата на нафтата, но потврдуваат дека ќе има индиректни влијанија.

 

Дијана Ценевска