Изречени казните за „Диво насеље“- седум доживотни робии
Доживотен затвор за седуммина инволвирани во настаните во кумановско „Диво насеље“. Дел од обвинетите добија меѓу 20 и 40 години зад решетки. За четворица ослободителни пресуди. На рочиштето- тензично. Додека траеше процесот, полицијата уапси маж кој се заканувал дека ќе ја дигне во воздух судската зграда...

Седум доживотни робии и уште тринаесет- долгогодишен затвор од 40 години. Кривичниот суд ја донесе пресудата за тероризмот во кумановската Дива населба и за нападот на полициската станица во Гошинце. Шестмина остануваат зад решетки 20 години, а четворица се ослободени од обвинение поради немање докази, одлучи првостепениот суд. На 19 од нив им е изречена и споредна казна- ќе бидат протерани од Македонија засекогаш. За адвокатите казните се превисоки. Тврдат дека случајот бил монтиран.
Пресудата за инцидентот во кој загинаа осуммина припадници на македонската полиција ја слушнаа адвокатите, но не и најголемиот дел од обвинетите кои беа отстранети од салата затоа што довикуваа од место и го нарушуваа редот. Ја пееа албанската химна и извикуваa - УЧК.
Додека се изрекуваше пресудата за најголемиот случај за тероризам во земјава, полицијата уапси 55 годишно лице, кое се заканувало дека ќе ја дигне судската зграда во воздух. МВР истражува дали уапсениот носел експлозив.
Анита Димитријевска
