Локални избори 2017

Тече рокот за тужби до Управниот суд

03.11.2017 08:47

ДИК ги одби сите приговори за вториот круг од локалните избори. Партиите може да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием...

Откако Државната изборна комисија ги одби сите приговори за вториот круг од локалните избори, партиите може да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот, пак, е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием, а неговата одлука е конечна во изборниот процес.

Од вкупно 89 приговори поднесени од БЕСА, одбиени се 88, а еден приговор е повлечен од партијата. На барање на БЕСА, 84 приговори биле разгледани како еден бидејќи имале исти наводи и се однесувале на општина Чаир.

Отфрлени се сите 13 приговори поднесени од Алијансата за Албанците за гласањето во Струга, како и приговорот од НДМ. Приговорите на БЕСА и на Алијансата за Албанците, ДИК се отфрлени како неосновани, додека приговорот на НДМ е отфрлен како неуреден.