Возбудливо музичко патување во Скопје
Српски диџеј и продуцент што преферира синкопирани бас линии, му даде на техното една поинаква димензија и буквално направи растур со својот настап...
Спектакл на два подиуми, модерно техно, разиграна младина и гостување на едно од најголемите имиња на светската техно сцена – Лаг. Српски диџеј и продуцент што преферира синкопирани бас линии, му даде на техното една поинаква димензија и буквално направи растур со својот настап. Врз скопската публика имаше огроемн ефект музиката на Лаг. Вчера на социјалните мрежи можеа да се забележат низа коментари кои изобилуваа со воодушевување за тоа што се случуваше викендов. Посакаа пак да ни гостува и да има што повеќе вакви артисти кои ќе ги донесат техно забавите на прав пат. И Лаг не остана рамнодушен на Македонија. Во изјава за МТВ ни го раскажа своето видување за Скопје и за луѓето што живеат во него.
„Скопје е супер. Сите се гостпримливи и направија да се случи вистинска забава. Едноставно уживав. Фасциниран сум од скопската архитектура, особено ме фасцинираат бруталистички градби, како на пример поштата и студентскиот дом „Гоце Делчев“. Се надевам дека за брзо време ќе се вратам во Скопје“.
Лаг е почитуван техно артист и се вбројува во првите редови на новиот бран техно уметници. Тоа лесно може да се забележи од неговиот звук, од невообичаениот пат на неговото музичко патување. Израснал со панк, се стекнал со класично музичко образование за на крај да се пронајде себеси како промотер на електронскиот звук. Тој го избрал техното да биде домаќин на неговото творечко празнење и се решил да создава моќна комбинација која опејува, се движи и обединува. Во моментов неговите плочи палат и жарат подиуми ширум светот, а неговите сетови добиваат интернационално значење преку настапите во култниот берлински клуб „Трезор“ и „Егзит – Денс Арената“ во Нови Сад.
Моника Јовановска
Фотографија- Александар Иваноски
