Пјонгјанг

Санкции за севернокорејскиот лидер

17.02.2014 16:30

Шефовите на севернокорејските безбедносни служби, па и врховниот лидер Ким Џонг-ун лично, треба да се соочат со меѓународна правда поради што наредиле систематска тортура, изгладнување, масовни убиства на граница на геноцид, соопшти денеска Истражната комисија на Обединетите нации.

Во писмото на истражителите до Ким се препорачува ОН случајот за Северна Кореја да го препушти на Меѓународниот кривичен суд за виновниците, а можеби, како што наведуваат и тој лично, да одговараат за кривичните дела.

Северна Кореја одговори дека „категорично и во целост“ го отфрла извештајот на истражителите, кои ги нарекува „производ на политизација на човековите права од страна на Европската унија и Јапонија во сојуз со американската непријателска политика“.

Истражителите за главниот сојузник на Ким, Кина истакнаа дека „можеби ги помага и поттикнува злосторствата против човештвото“ со тоа што ги враќа имигрантите назад во Северна Кореја каде се изложени на тортура и егзекуција. Официјален Пекинг ги негираше таквите наводи.

Претседателот на независната Истражна комисија Мајкл Кирби истакна дека тим експерти го изработиле извештајот од 372 страници, при тоа потенцирајќи оти злосторствата во Северна Кореја потсетуваат на злосторствата направени од нацистите за време на Втората светска војна.

Во извештајот се наведуваат злосторства како што се убиства, мачење, силување, киднапирање, принудна работа, изгладнување и егзекуции.

- Сериозноста, размерите и природата на овие злосторства немаат паралала никаде во современиот свет, истакна Кирби.

Извештајот е изработен врз основа на едногодишна истрага, при што се опфатени сведоштва од луѓето кои успеале да побегнат, меѓу кои и поранешни чувари во политичките логори.

- Новиот извештај на ОН јасно и недвосмислено ја документира бруталната реалност на кршење на човековите права во Северна Кореја, се наведува во соопштението од САД.