Потребна е поддршка за претприемништвото и малите бизниси
Претприемништвото е во подем, но сѐ уште не може да се каже дека во Македонија е на потребното ниво. Бирократските бариери, отежнатите финансии и слабата искористеност на ЕУ фондовите се главните пречки младите да почнат свој бизнис. Во Битола одбележана Европската недела на малите и средни претпријатија...

Иако во последниве десетина години младите го осознаваат претприемништвото и во подем е бројот на лица кои се одлучуваат да водат свој бизнис, сѐ уште не може да се каже дека Македонија е со развиена претприемачка економија. Најголемо раздвижување има во ИТ индустријата, како резултат на соработката со странските компании. Отежнатиот пристап до финансии и бирократските бариери, сѐ уште се пречка младите да го преземат ризикот за отварање на свој бизнис. За жал, сѐ уште слаба е искористеноста и на ЕУ фондовите и расположивите проекти во повеќе домени.
„Ние како држава треба да зајакнуваме на апсорција на тие фондови. Треба да се осовремени системот како да се заврти тркалото, односно максимално да се посвети внимание при едукација на вештината за аплицирање на корисниците“, вели директорот на Европската бизнис заедница, Димитар Ристовски.
„Сметам дека претприемништвето е значајно за секоја економија во развој и колку тоа младите побргу ќе го сфатат, толку и Македонија со забрзани чекори економски ќе се развива“, вели директорот на МКЦ- Битола, Сашо Додовски.
Ако малите и срдни претпијатија се движечката сила на секоја економија, тогаш во создавање услови за повисок преприемачки дух треба свој придонес да дадат сите релевантни институции. Новата битолска локална самоуправа ги најави првите сет мерки.
„Како нова локална самоуправа ветивме дека ќе го преиспитаме субвенционирањето за надоместок на градежно земјиште, бизнис инкубаторите и сѐ она друго што може да делува поттикнувачки“, вели градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Сето тоа треба да биде поттик, посебно за младите, затоа што според истражувањето, Македонија има највисока стапка на младинска невработеност во Европа.
Стевче Митревски
