Дваесет години затвор за грабежот во НЛБ Банка
Девет години и два месеца затвор за првообвинетиот Бобан Смилевски за милионскиот грабеж во НЛБ Банка. Одбраната ќе се жали- казната била превисока. Сѐ уште е енигма каде се украдените пари. Четворицата обвинети од трезорот на НЛБ украле 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. Извршиле кражба и на два милиона швајцарски франци и 270 илјади евра.

Девет години и два месецa казна затвор за трезористот од НЛБ Банка за кривичните дела тешка кражба и затајување- ова е одлуката на Кривичниот суд во Скопје. За истите дела, неговиот брат е осуден на шест и пол години. Третобвинетиот, заработи казна затвор од пет години и два месеца за тешка кражба, а четвртообвинетиот е условно осуден на казна од две години, ако во наредните пет години не го повтори делото.
Според судот, тоа што обвинетиот не кажува каде се парите било отежната околност при носењето на пресудата. Одбраната ќе се жали поради висината на казните.
„Морам да кажам дека одбраната секако очекуваше високи казни, но не во оваа мера. Постојат повисоки судови, сигурно ќе поднесеме жалба кон оваа пресуда, затоа што сметаме дека се превисоко утврдени казните. Барам од судот овој случај да го третира како и сите други случаи, посебно ова дело- тешка кражба. Во 90 проценти од случаите предметите не се вратени, па тоа не е сметано како отежителна околност во овие размери, и поради тоа не била изречена ваква затворска казна за ова дело“, изјави адвокатот Драган Пешевски.
Тројцата обвинети остануваат во притвор се до правосилноста на пресудата. Судот нареди во рок од една година, парите да и ги вратат на банката. На трезористот му се конфискуваат станот и два автомобила кои ги поседува. За кражбата се обвинети уште четворица вработени во банката. Постапката против нив е одвоена.
Наташа Гркова- Петрушевска
