ЕУ и ОЗХО: 12 милиони евра за уништување на сириското хемиско оружје

17.02.2014 16:39

Европската унија и Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОЗХО) потпишаа денеска договор за помош од над 12 милиони евра за програмата за уништување на сириското хемиско оружје.

Вкупниот трошок за уништување на ова оружје е проценет меѓу 25 и 30 милиони евра. 

Минатата недела министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија за таа цел да се одобрат 12 милиони евра од средствата на сириската Централна банка и сириските државни субјекти во Унијата, кои се замрзнати врз основа на воведените санкции за оваа земја. Ваквата одлука на ЕУ ги разлути властите во Дамаск.

Сирија минатата година се согласи да го предаде својот хемиски арсенал, откако Вашингтон се закани со воена интервенција како одговор на августовскиот напад со хемиско оружје во Дамаск, во кој загинаа стотина луѓе.