„О2 предизвик“: Повик за иновација за намалување на загадувањето

03.11.2017 15:52

Шест милиони денари од Фондот за иновации за иновативно решение за намалување на загадувањето на воздухот. Малите и средни фирми, до 30-ти ноември ќе може да аплицираат со проектно решение.

Со шест милиони денари ќе се потикнуваат иновативни решенија за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини. Малите и средните претпријатија ќе можат да аплицираат за средствата на Фондот за иновации во една од областите користење на енергија за греење, транспорт и мобилност и градежништво.

„О2 предизвик“ претставува пилот проект преку кој се воведува нов инструмент кој ќе се финансира преку Фондот за иновации. Целта е иновациите да најдат примена и во јавниот сектор. Според Луиза Винтон, претставник на Канцеларијата на УНДП во Македонија, нема друго прашање кое ги загрижува жителите на Скопје повеќе од загадувањето на воздухот.

Фондот ќе финансира 90 проценти од проектот, а останатите 10 проценти ги покрива апликантот. Согласно буџетите кои ќе ги понудат апликантите, ќе се одлучи дали ќе се финанисира едно или повеќе решенија.

Дијана Ценевска