Апелација идната недела ќе реши дали „бомбите“ може да бидат докази во „ТНТ“ и „Топлик“
Во скопска Апелација, јавни седници за користењето на прислушувани материјали како докази во случаите „ТНТ“ и „Топлик“. Одлуки идната недела. Претходно, Апелација ги прифати снимките за случајот „Тендери“.

Тој што зборува за сопствениот криминал, не може да бара заштита повикувајќи се на правото на приватност. Оние коишто го организирале незаконското прислушување не може да се третираат како жртви, бидејќи ја злоупотребиле моќта. Со овој аргумент, обвинителите од СЈО побараа од Советот на скопска апелација да ја прифати нивната жалба и да дозволи снимките од прислушуваните разговори во случаите „ТНТ“ и „Топлик“ да се користат како доказ пред судот.
Спротивната страна, пак, смета дека судот не треба да го прифати ова барање. Велат - ако се воспостави пракса незаконски снимки да се користат како докази, тогаш постојано ќе има нелегално прислушување.
„ТНТ“ и „Топлик“ се за уривањето на комплексот Космос и за незаконска продажба на земјиште за изградба на Сончев град. Советот на Кривичниот суд претходно донесе одлука со која снимките ги издвои од списите на предметот.
Сега Апелација го има последниот збор. Одлуката се очекува в понеделник.
Анита Димитријевска
