Заев: Да го достигнеме европскиот стандард
Унапредување на соработката меѓу земјите од Западниот Балкан со нагласка врз извозната компонента, оцени премиерот Заев на собирот на Економскиот институт во австриската престолнина...

„Со унапредување на економските аспекти на живот во Република Македонија многу побрзо можеме да ја доближиме Македонија до Европа“- смета премиерот Зоран Заев, кој денеска учествува на Економскиот форум во Виена- „Дијалог за иднината 2017“.
„Новите работни места, повисокиот стандард на живот на граѓаните, растот на бруто домашниот производ, е возможно да се остварат преку директни инвестиции, домашни или странски, преку мотивирање на отворање на нови работни места, нови производствени погони и зголемување на економската трговија генерално, пред сѐ партиципирајќи посебно на извозната компонента која што претставува значаен фактор за одржлив дел на економскиот раст и развој на Македонија“, изјави премиерот Заев.
Форумот во Виена оваа година е посветен на темите „Политиката се среќава со економијата“ и „Регионалната соработка како дел од европските интеграции“.
Соработката помеѓу бизнисот и политиката е нешто што е навистина отворена тема и во нашето македонско општество и нешто на што е фокусирана Владата со огромен процент од својата енергија- нагласи премиерот Заев.
