„Рајски документи“: Откриено тајното богатство на светската елита
Над 13 милиони фајлови се објавени во „Рајските документи“, кои предизвикаа нов потрес во политичкиот, економскиот, спортскиот, но и естрадниот џет сет во светот. Кралицата Елизабета префрлила 10 милиони долари во оф шор компании, тврди Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи...

Документите откриени во рамки на истрагата наречена „Рајски документи“ откриваат дека најголемите светски компании, шефови на држави и значајни луѓе на глобално ниво, но и ѕвезди од светот на забавата и спортот ги криеле своите богатства во тајните т.н. „даночни раеви“.
Весникот „Гардијан“ пренесува дека деталите, кои меѓу останатото, сведочат и за финансиски трансакции на британската Кралица Елизабета, големи мултинационални компании, членови на канцеларијата на американскиот претседател Трамп како и зетот на рускиот претседател Путин, излегуваат на површина откако биле откриени околу 13,4 милијарди документи.
До компромитирачкиот материјал, кој протекол од две офшор компании дошол германскиот весник „Зидојче Цајтунг“, а ги поделил Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари со партнерите, меѓу кои се „Гардијан“, „БИ-БИ-СИ“ и „Њујорк Тајмс“.
Документите откриваат дека милиони фунти од приватните средства на Кралицата Елизабета биле инвестирани во фонд на Кајманските Острови, а дел од парите заминал во компанија обвинета дека искористува сиромашни семејства и загрозени луѓе.
Документите понатаму откриваат како компаниите „Твитер“ и „Фејсбук“ примале стотици милиони долари инвестиции чиј траг оди до руските државни финансиски институции. На површина исплива и информацијата дека на чело на трустот на Кајманските Острови кој избегнувал да плаќа данок е главниот човек на канадскиот премиер Џастин Трудо задолжен за финансии.
Со затајување данок се занимавале и корпорациите „Најк“ и „Епл“, а некои од најзвучните имиња во филмската индустрија го штителе своето богатство во низа офшор шеми. Меѓу „Рајските документи“ се наоѓа и името на еден актуелен српски министер.
Објавувањето на оваа истрага, за која повеќе од 380 новинари една година ги прегледувале податоците кои достигнуваат и 70 години наназад се случува во момент на нееднаквост во приходите на глобално ниво.
„Гардијан“ на крајот посочува дека најновите откритија ќе извршат притисок врз светските лидери, вклучувајќи ги Доналд Трамп и Тереза Меј кои ветија дека ќе се пресметаат со агресивните шеми за затајување даноци.
Проектот „Рајски документи“ целосно ќе биде обелоденет следната недела.
Марина Ристова
