Поранешен американски војник одговорен за масакрот во Тексас

06.11.2017 13:02

Поранешен американски војник усмрти верници во Баптистичка црква во Тексас. Мотивите за масакрот се непознати. Нападот се случи на годишнината од повеќекратното убиство во воената база Форт Худ во која психијатар отвори оган кон колегите.

Убиениот осомничен маж за нападот во баптистичката црква во тексашкиот град Садерленд спрингс, во кој загинаа 26 лица, а дваесетина беа ранети, е идентификуван како Девин Патрик Кели, поранешен американски војник. Полицијата засега не го поврзува со некоја терористичка група, но 26-годишниот Кели бил проблематичен член на военовоздухопловни сили. Во 2012 година, Воениот суд му изрече затворска казна од 12 месеци и му го намали чинот поради напад врз сопругата и ќерката. Подоцна е отпуштен од армијата поради несоодветно однесување.

Една недела пред масакрот во црквата, на социјалните мрежи, Кели објавил фотографија од полуавтоматската пушка со која ги нападна верниците во Тексас.

„Нашата сојузна држава се соочува со најмасовното убиство во историјата. Трагедијата е уште поголема бидејќи нападот се случи в црква. Беа застрелани и усмртени невини луѓе“, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.

Претседателот Доналд Трамп, којшто е на азиска турнеја, го осуди нападот.

„Американците секогаш прават се што можат. Се обединуваат, се бодрат. Мојата администрација ќе им даде целосна поддршка на луѓето во Тексас. Благодарност до сите кои реагираа брзо, до ФБИ, до сите луѓе. На крајот, сите тие го спречија осомничениот и им дадоа помош на повредените“, изјави претседателот Трамп.

Верниците кои настрадаа биле на возраст од 5 до 72 години. Меѓу нив била и 14-годишната ќерка на локалниот пастир. Осомничениот успеал да побегне, но бил пронајден мртов во својот автомобил. Не се знае дали извршил самоубиство или некој друг го застрелал. Мотивите за нападот се непознати.

Пукотниците се случија на осумгодишнината од масакрот во воената база Форт Худ кога психијатарот Нидал Хасан усмрти 13 луѓе, поради што е осуден на смртна казна.

Во напади со огнено оружје во САД годишно умираат над 33 илјади луѓе, од кои 22 илјади се случаи на самоубиство. По секој инцидент се активира расправата за користење на оружје, но се уште не се преземени конкретни мерки за спречување на овие напади, пред се, поради големото влијание на  Национално здружение за огнено оружје.

Маја Филдишев