Управен суд

Ќе се прегласува на едно избирачко место во Чаир

06.11.2017 14:57

Прегласување во општина Чаир, одлучи Управниот суд за тужбата на движењето БЕСА во едно гласачко место. Со повтореното гласање е можна промена на градоначалничката позиција. ДИК попладне ќе расправа и според Законот, треба да го усвои прегласувањето на 12-ти ноември. Претходно Управниот суд ги одби другите 15 тужби за вториот круг гласање...

Сѐ уште не е докрај заокружен изборниот процес за локалните избори во земјава. Управниот суд од вкупно поднесените 16, уважи само една тужба на движењето БЕСА за избирачкото место 2901 во опоштината Чаир. В недела таму ќе се прегласува.

Во трката за градоначалничката фотеља се Висар Ганиу од ДУИ кој веќе прогласи победа, а негов противкандидат е Зекирија Ибрахими од БЕСА. На спорното избирачко место запишани се 719 гласачи со што во случајов се доведува во прашање победата на Ганиу, бидејќи во вториот круг го победи противкандидатот на БЕСА со само 209 гласа разлика.

Ако на ова се додаде и податокот од Државната изборна комисија дека во вториот круг на избирачкото место 2901 излегле 278 граѓани од кои поголемиот број го дале за Зекирија Ибрахими од БЕСА, извесно е дека новиот градоначалник ќе биде познат откако ќе заврши прегласувањето.

Управниот суд ги отфрли 15-те тужби поднесени од БЕСА, од Алијансата за Албанците и од НДМ. На локалните избори најмногу градоначалнички места освои коалицијата предводена од СДСМ- 57, ВМРО-ДПМНЕ освои пет, Алијансата за Албанците- три, а ДПА и Демократската партија на Турците освоија по една општина. Тројца независни кандидати ќе раководат со локалната самоуправа.

Бидејќи ќе се чека исходот за Чаир, БЕСА има еден градоначалник, а ДУИ- девет.

 

Миле Ристески