Мемети: Уназадени човековите права во 2016-та година

06.11.2017 15:00

До Народниот правобранител граѓаните поднеле 1.523 пријави за повредување на нивните права во 2016-та. Во 80 проценти од случаите, институциите ги прифатиле препораките на Омбудсманот. Во извештајот се констатира стагнација или назадување на човековите права во некои случаи. Сепак, пратениците на 6-тата седница не ги усвоија мерките за подобрување на човековите права предложени од правобранителот...

Пратениците не ги усвоија мерките за спроведување на препораките на Народниот правобранител од извештајот за минатата година. За четири проценти е зголемено прекршувањето на човековите права во Македонија. Прекумерна употреба на полициска сила, крајно лоши услови во затворите, нарушување на пензинскиот фонд, на правото на глас и незаконска наплата на сметки- ова е дел од она што е констатирано во извештајот на Омбудсманот.

„Полициско, непрофесионално и брутално постапување, прекумерна употреба на сила на затвоорската полиција кон осудени лица и отсуство на здравствена заштита во казнено-управниците установи, недостатоци на пензискиот систем со штетни последици по осигурениците, необезбедени средства за исплата на права од социјална помош, повреда на право на вработување на лица со попреченост, незаконско депортирање бегалци“, изјави народниот правобраните, Иџет Мемети.

Дел од пратениците констатираа дека се повторуваат истите проблеми од година во година, што значи дека институциите не ги ја вршат добро својата работа.

„Јас не очекувам ниту извештајот за 2017-та година да биде во било што подобар од она што го имаме за 2016-та или сме го имале за 2015-та година“, изјави Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Народниот правобранител не го прифати предлогот за формирање на анкетна комисија во Собранието за случаи за прекршување на човековите права, туку порача дека Собранието согласно законот треба да бара од Владата да ја подобри ситуацијата со почитувањето на човековите права во Македонија.

Ирина Гелевска