Финансии

Предлог- буџетот пред стопанствениците, поделени мислења за акцизата

06.11.2017 15:44

Владата на секои три месеци да ја анализира реализацијата на капиталните инвестиции, порака од бизнис- заедницата до министерот за финансии. Тевдовски тврди дека државната каса за в година не е преголема, буџетските корисници имале барања за уште 500 милиони евра. За зголемувањето на акцизата, мислењата поделени...

Презентирајќи ја државната каса за наредната година министерот Тевдовски беше отворен и соопшти дека буџетските корисници имале барања за 500 милиони евра поголеми од прифатените, со што дефицитот би бил три пати поголем од проектираните 2,7%. Тевдовски објави почеток на фискална консолидација до 2021-ва, поради што внимателно се оди со зголемување на акцизата на дизелот и ќе се крене персоналецот за највисоките плати од 2019-та. Стапките на придонесите не се менуваат, вели Тевдовски.

„Новата акциза ќе биде многу под тоа што го препопрачува ЕУ. Второ нешто што е многу битно, а многу ја интересира јавноста, дека и покрај предвиденото зголемување на акцизата, практично цената на дизелот во Македонија повторно ќе биде убедливо најниска во регионот, во моментов е 0,8 евра, втора најниска после Косово, каде што е 1 евро. Апсолутно стапките на придонеси ќе ги оставиме исти, правиме само една корекција, а тоа е ја зголемуваме максималната основица за плаќање на придонеси, од сегашните 12 просечни плати, а нашиот предлог е да изнесува 16 просечни плати“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тевдовски најави зголемени капитални инвестиции од 24,7 милијарди денари во 2018-та, иако призна дека тие најчесто се движеле меѓу 15 и 16 милијарди денари, а во најдобар случај не надминале 19 милијарди. Парите ќе бидат пласирани за продуктивни цели, вели министерот, а бизнис заедницата побара тримесечен отчет каде се пласирале народните пари, што Тевдовски го прифати.

Поддршката за домашните фирми се крева на 1,1 милијарда денари, а државната помош за странските 900 милиони денари, рече Тевдовски. Повисоката акциза нема да ја придвижи стапката на инфлација и таа ќе изнесува 1,7% во 2018-та рече Тевдовски, одговарајќи на забелешка на Комората, дека овој чекор ќе предизвика раст на цените.

Бизнисот побара рационализација во јавната администрација, за што според Тевдовски има простор во одредени сектори, но во некои има и недостиг од квалитетни луѓе.

Повисоките плати во одбраната се поради нашите НАТО аспирации, а во образованието и здравството за да покажеме дека мислиме на основните столбови на општеството.

За долгот на буџетските корисници кон стопанството Тевдовски со најава дека се имплементира нов софтвер која ќе дава целосни информации за нивото на обврските на секоја институција.

Буџетот на земјата изнесува 32 % од БДП, што е многу пониско од вообичаените 50 до 55% како што е во другите земји, порача Тевдовски.

Свето Николовски