Виенски економски форум

Поголема соработка за повисок стандард

06.11.2017 16:15

Зголемена соработка на шесте земји од Западен Балкан преку унапредување на извозната компонента. Ова го нагласи премиерот Заев, кој учествува на Виенскиот економски форум, во кој Македонија е претставена меѓу 14-те земји учеснички на Централна и Источна Европа. Вицепремиерот Анѓушев оцени- Македонија има квалитетна интернет инфраструктура.

Со унапредувањето на економијата, побрзо ќе ја придвижиме Македонија кон Европа, ова е можно само преку соработка на политиката со бизнисот- порача претседателот на Владата, Зоран Заев, од Виена. Македонскиот премиер учествува на дебатата „Регионалната соработка како дел од европската интеграција“ на Виенскиот економски форум.

„Новите работни места, повисокиот стандард на живот на граѓаните, растот на бруто домашниот производ, е возможно да се остварат преку директни инвестиции, домашни или странски, преку мотивирање на отворање на нови работни места, нови производствени погони и зголемување на економската трговија генерално, пред сѐ партиципирајќи посебно на извозната компонента која што претставува значаен фактор за одржлив дел на економскиот раст и развој на Македонија“, изјави премиерот Заев.

Македонија може да се пофали со добра интернет инфраструктура, Владата развива мерки за поддршка на младите претприемачи за инвестирање во ИТ секторот, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев, на обраќањето на панелот за глобалната дигитализација.

„Во мерките кои ги предложи Владата има неколку столба, а еден од главните е поддшка на микро, мали и средни претпријатија. За оние кои што сакаат да започнат, ќе има сериозна поддршка, пред сѐ во поврат на 30 % од нивните инвестирани средства, но и обезбедување на простор преку т.н. акцелератори и старт- ап бизниси“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Виенскиот економски форум на едно место ги собра политичарите од регионот на дијалог за иднината. Истакната говорници разговараа како инвестициите да бидат двигател на растот.

„Секоја година во ноември, Виена отвора простор за преговори и утврдување на општите економски задачи, особено за прекуграничната соработка, што според мене, е појдовна точка за создавање на подобра иднина за регионот“, изајви Гинтер Рабенштајнер, претседател на бордот на Виенскиот економски форум.

Виенскиот економски форум се одржува по 14-ти пат.

 

Сунчица Николоска, специјален известувач за МРТ од Виена