Владата ќе расправа за повеќе прашања од интерес на граѓаните
На дневниот ред на седницата, меѓудругото ќе се најде и предлог-одлуката за изменување на Одлуката за основање на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје.

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 36-та седница. Ќе ја разгледа предлог- уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за распоредувањето на одредени стоки во Комбинираната номенклатура согласно со регулативите на Европската Комисија, соопшти владината прес служба.
На дневниот ред на седницата, меѓудругото ќе се најде и предлог-одлуката за изменување на Одлуката за основање на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје.
На предлог Јавно претпријатие за стопанисување со државните шуми Македонски шуми – Скопје, на оваа седница на владата ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година, со динамика и акциски план за реализација на оваа акција.
Министрите во владата на денешната седница ќе расправаат и за предлог-правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и постапката на вршење на официјалните контроли на производите од животинско потекло наменети за исхрана на луѓето, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Управата за извршување санкции на денешната седница ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија, како и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено поправната установа „Идризово“.
