Трамп пристигна во посета на Јужна Кореја
Доналд Трамп пристигна во посета на Јужна Кореја. На средбата со неговиот домаќин американскиот претседател најави дека САД се подготвени да го употребат целиот воен арсенал за за се спречи воена акција од северот. Се очекува за време на посетата на Виетнам, Трамп да се сретне и со рускиот претседател Путин...

Американскиот претседател Доналд Трамп допатува во Јужна Кореја каде што најпрвин ја посети американската воена база Хамфрис. Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин накусо се сретна со Трамп пред неговата посета на базата која се наоѓа на стотина километри од границата со Северна Кореја.
„Кампот Хамфрис е навистина посебно место. Огромен трошок е направен за да се осигура безбедноста на вашата земја. Секогаш е добро кога мудро трошите за војската“, рече претседателот Трамп.
Агенциите пренесуваат дека меѓу темите на кои ќе разговараат двајцата лидери е и трговската соработка меѓу земјите. Трамп изјави дека ќе почнат да работат за да отворат многу работни места во САД.
„Би сакал да ви честитам на напредокот што го правите во однос на економијата и фактот што берзата секојдневно урива рекорди. Благодарение на тоа и берзата во Јужна Кореја исто така напредува многу добро“, рече Мун Џае-Ин, претседател на Јужна Кореја.
„Ситуацијата со Северна Кореја ќе се дискутира и се надевам дека ќе биде успешно. А трговската размена е нешто за што секогаш разговараме, тоа е една од моите омилени теми. Претпоставувам дека тоа е една од причините поради кои лани имав толку успешна победа“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.
Трамп рече дека САД е подготвен да го употреби целиот опсег на воени сили за да запре севернокорејски напад, но додаде дека е фокусиран на користење на сите расположливи средства без воена акција за да се спречи судир.
Поради посетата на американскиот претседател во Сеул на сила се силни мерки за безбедност со оглед на најавените собири на неговите противници, но и приврзаници.
Трамп е на азиска турнеја во чии рамки за време на посетата на Виетнам и учеството на Азиско-пацифичкиот самит би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. А главна тема на тој состанок би била Северна Кореја.
Марина Ристова
