Трамп ја повика Северна Кореја да седне на преговарачка маса
Американскиот претседател пристигна во Јужна Кореја. Договорено да се прави максимален притисок врз Пјонгјанг и да се наметнат санкции. Трамп ја продолжува Азиската турнеја.

Американскиот претседател Доналд Трамп допатува во Јужна Кореја каде што најпрвин ја посети американската воена база Хамфрис. Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин накусо се сретна со Трамп пред неговата посета на базата која се наоѓа на стотина километри од границата со Северна Кореја.
„Кампот Хамфрис е навистина посебно место. Огромен трошок е направен за да се осигура безбедноста на вашата земја. Секогаш е добро кога мудро трошите за војската“- рече претседателот Трамп.
Двајцата лидери се согласиле дека е потребно да се изврши максимален притисок и да и се наметнат санкции на Северна Кореја. Меѓудругото, како што истакнале, подготвени се и да му пружат светла иднина на Пјонгјанг доколку се откаже од нуклеарната и ракетната програма.
На заедничката прес конференција Трамп оцени дека е постигнат напредок по прашањето за Северна Кореја и упати апел до Пјонгјанг да дојде на преговарачката маса за да се постигне договор.
Мун истакна дека претседателот Трамп ја потврдил силната безбедносна посветеност на САД кон Јужна Кореја.
„Би сакал да ви честитам на напредокот што го правите во однос на економијата и фактот што берзата секојдневно урива рекорди. Благодарение на тоа и берзата во Јужна Кореја исто така напредува многу добро“, изјави претседателот Мун.
Поради посетата на американскиот претседател во Сеул на сила се силни мерки за безбедност со оглед на најавените собири на неговите противници, но и приврзаници.
Трамп е на азиска турнеја во чии рамки за време на посетата на Виетнам и учеството на Азиско-пацифичкиот самит би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. А главна тема на тој состанок би била Северна Кореја.
Марина Ристова
