Афера „Агрокор“: Ивица Тодориќ ослободен со кауција

08.11.2017 13:10

Сопственикот на компанијата „Агрокор“ Ивица Тодориќ е ослободен со кауција. По издавањето на европскиот налог за апсење, тој сам и се предаде на лондонската полиција. Побегнал од Хрватска бидејќи му биле загрозени основните човекови права...

Со кауција од 100 илјади фунти, Судот во Лондон го ослободи сопственикот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ кој вчера сам и се предаде на полицијата.  Одземен му е пасошот, ќе мора да носи безбедносна алка и да се јавува три пати неделно во полиција. Во Британија побегнал бидејќи во родната Хрватска не се чувствувал безбедно. По него беше издаден европски налог за апсење и распишана црвена меѓународна потерница на Интерпол.

„Среќен сум што ве гледам. Ова е мала победа, но со огромно значење. Денеска сум граѓанин на Англија. Немав шанса да кажам многу работи на судот. Наскоро ќе слушнете многу повеќе од мене. Имаме уште многу работа“, изјави сопственикот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ.

Целосното сослушување за екстрадиција е закажано на 10 април 2018 година. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ бара образложение за одлуката на Лондон. Претседателката Колинда Грабар Китаровиќ бара транспарентност.

„Јавноста мора да ја знае вистината. Свесна сум дека постојат законски ограничувања во работата на истражната комисија, но потребна ни е флексибилност за да ги менуваме законите кога постои голем јавен интерес. Треба да се изведат пред правдата оние кои го доведоа Агрокор во оваа ситуација. Ова е еден од најголемите сакндали во Хрватска со огромно влијание врз економијата, бизнисите и врз кредиторите“, рече претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.

Истрагата против 66-годишниот Тодориќ, неговите синови Иван и Анте, и уште 12 менаџери и ревизори, беше покрената поради незаконско присвојување на 152 милиона евра. Тој ги отфрла обвинувањата и тврди дека е жртва на политички прогон.

Маја Филдишев