Доналд Трaмп пристигна во Кина
Доналд Трамп пристигна во прва посета на Кина како американски претседател. За нуклеарните амбиции на Северна Кореја, Трамп ги повика цивилизираните држави да се приклучат во заедничко предупредување кон Пјонгјанг...

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Пекинг, во прва официјална посета на Кина, каде што ќе престојува помалку од 48 часа. Кина е воедно и третата станица од 12-дневната азиска турнеја на Трамп, откако претходно ги посети Јапонија и Јужна Кореја.
На аеродромот, Трамп и неговата сопруга беа пречекани од кинескиот претседател Си Џинпинг, со кого се закажани неколку средби.
По повод 100-годишнината од Октомвриската револуција во Русија, американскиот претседател го прогласи 7-ми ноември за Ден на жртвите на комунизмот.
„Во претходните 100 години, комунистичките тоталитарни режими ширум светот убија повеќе од сто милиони луѓе и изложија уште голем број луѓе на експлоатација, насилства и невидено уништување. Денес се сеќаваме на сите иние кои починаа и сите тие кои продолжија да страдаат под комунизмот“, соопшти Белата куќа.
Претходно Трамп упати сериозни предупредувања до Северна Кореја во обраќање пред јужнокорејскиот Парламент, и му порача на Пјонгјанг да не се обидува да ги потцени САД. Го предупреди Ким Јонг Ун дека со производството на нуклеарно оружје и ракетни системи, неговата земја и режим не стануваат побезбедни.
Северна Кореја тврди дека развива нуклеарно оружје и ракети со кои би можела да ги лансира атомските бомби до соседните држави, па дури и до САД.
Тој нагласи дека во Северна Кореја владеат тешки услови за живот и глад во „услови на полициски режим“, додавајќи дека војници на САД се бореле и гинеле за слободата на Кореја.
Ги повика сите цивилизирани држави да се приклучат во заедничкото предупредување до Северна Кореја. Во рамките на својата азиска турнеја, во која доминира прашањето на Северна Кореја, Трамп се сретна со јужнокорејскиот претседател Мун Јае-Ин, а поради магла мораше да ја откаже посетата на границата меѓу двете Кореи.
Марина Ристова
