Грујевски доби 1,5 година затвор- СЈО задоволно од пресудата
Првообвинетиот Горан Грујевски доби 1,5 година затвор за случајот „Тврдина 2“. На другите шестмина обвинети скопскиот кривичен суд им изрече условни казни затвор. СЈО задоволно од пресудата...

Година и пол казна затвор за екс-началникот во Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Груjевски, условни за шест службенички во УБК за сторено кривично дело- уништување службена документација и фалсификување службена исправа. Специјалното јавно обвинителство задоволно од пресудата.
„Обвинетите во случајот Тврдина 2 беа осудени за кривичното дело кое им се ставаше на товар, односно осудени дека уништувале службена документација и со тоа сториле кривично дело фалсификување службена исправа. Ваквата осуда на Судот е во рамки на нашите очекувања, ние неколку пати досега повторивме дека имаме цврсти докази и тоа се потврди со пресудата на судот. Судијата во краткото образложените ги потврди сите ставови кои СЈО ги имаше“, изјави Ленче Ристоска, обвинител во СЈО.
Одбраната очекувала ослободителна пресуда. Велат дека делото за кое се обвинети не е кривично. Најавија жалба.
„Очекувавме, да бидат искрен, ослободителна пресуда, бидејќи не постои службена исправа која може да биде предмет на ова дело. Очигледно со судот имаме различна диоптрија на гледање на работите и на објектот на заштита кој може да биде предмет на ова кривично дело, и од тие причини ние ќе поднесеме жалба, на овие околности и на околностите околу надлежноста што ја оспоривме во текот на завршните зборови“, рече адвокатот Љупчо Шврговски.
За затворската казна на екс-началникот во УБК судот ги земал предвид сите околности- отежителните, дека тој со умисла го извршил делото и избегал, олеснителните- дека досега не бил осудуван и е семеен човек.
Ова е прва пресуда за предмет на СЈО.
Наташа Гркова- Петрушевска
