Системско решение за аерозагадувањето во Скопје
Надлежните најавија системско решение за аерозагадувањето во Скопје. Предвидени среднорочни мерки, но повлечени и чекори кои за кратко време се очекува да дадат резултат. Ќе се означуваат возилата кои најмногу загадуваат. Не се исклучува можноста да бидат исклучени од сообраќај. Во критичните денови, цената за паркинг ќе оди нагоре, а на билетот во јавниот превоз надолу...

Секое возило при технички преглед ќе добива налепница со одредена боја за тоа колку го загадува воздухот и по потреба ќе се исклучува од сообраќај. Град скопје и мвр подготвуваат законски мерки за намалување на аерозагдувањето.
Скопскиот градоначалник вели дека ова нема да предизвика дополнителни финансиски трошоци кај граѓаните. Шилегов додава дека воведувањето пар- непар е неправична мерка, бидејќи има нови автомобили кои помалку го загадуваат воздухот. Потврди дека ќе се зголеми цената на паркингот, а ќе се намали на јавниот превоз.
Заменик- министерот за животна средина вели дека инспекторите направиле теренски контроли, забележани биле случаи на палење отпад и против сторителите се водат постапки.
Домаќинствата се најголемите загадувачи во зимскиот период, следуваат транспортот, индустријата и градежништвото- покажало истражувањето на УНДП.
„Ние даваме три предлога за намалување на загадувањето. Првиот е домаќинствата да ги заменат печките на огревно дрво со печки на пелети. Вториот е инвестирање во изолација и третиот предлог е што повеќе домаќинства да се приклучат на централното греење“, вели Луиза Винтон, претставник на УНДП.
Надлежните велат дека во наредниот период ќе се разговара со операторите за намалување на цената на парното со што би се стимулирале повеќе домаќинства да се приклучат кон системот.
Андријана Атанасовска
