Се трага по убиецот на Јанушев
Едно лице го убило Мартин Јанушев во скопската населба Аеродром. Има напредок во истрагата- соопшти Мнистерството за внатрешни работи. Досега сослушани 35 сведоци. Земени снимки од околните камери. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Спасовски.

СВР Скопје формира штаб кој работи на расветлување на убиството на 28 годишниот Мартин Јанушев. Се прегледуваат сите снимки од полицискиот видео надзор и од приватните камери. Испрашани се 35-мина, брифираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Вели дека има напредок во истрагата.
Се трага по едно лице кое го извршило убиството и за кое МВР верува дека сѐ уште се крие во земјава. Индициите се дека меѓу убиецот и жртвата имало лично недоразбирање. Спасовски ги отфрли политичките аспекти во случајот. Потенцираше дека се прават проверки и на Агенција за обезбедување за да се види дали има поврзаност со убиството.
ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од министерот за внатрешни работи, заради несоодветно постапување по случајот.
Освен за случајот со убиството, МВР соопшти дека во моментов нема директна закана кон премиерот Заев, за кого велат дека е под постојани индиректни закани за атентат од 2015-та. Спасовски рече дека во тој контекст, Заев во Црна Гора изјавил дека може животот да му биде загрозен поради влезот на Македонија во НАТО.
Миле Ристески
