Дебата на јавниот сервис

Влада и експерти: Буџет за финансиска стабилизација

08.11.2017 16:54

Предлог- буџетот за 2018-та година е за финансиска стабилизација на земјава, оцени премиерот Заев на дебатата на јавниот сервис. Тој и министерот Тевдовски ги образложуваа главните параметри на државната каса за в година. Економистите велат- проектираниот раст е реален, има простор за дополнителен рез кај стоките и услугите, да се реализираат средствата за капитални инвестиции...

Буџет за финансиска стабилизација- вака првиот човек на македонската влада ја оцени проекцијата на државната каса за следната година. Заев тврди- задолжувања ќе има само за капитални инфраструктурни проекти. Покачувањето на акцизата на нафтата го оправдува со потребите од дополнителни финансии што ќе се слеваат во здравство, образование, рамномерен регионален развој, капитални инвестиции.

„Продолжуваме и со земање кредити со кои ќе се поддржат само инфраструктурни проекти. Но, она што значи и стабилизација Исправени сме пред непријатноста за покачување од три денари на акцизата на нафтата, за да се покријат обврските значајни за граѓаните, а да не биде само преку кредити, за да не расте долгот на државата, најголем дел 15 милиони евра ќе одат за училиштата, за градинките, за библиотеки, одат за рамномерен регионален развој, за капитални инвестиции, за враќање на парите на граѓаните, здравство“ вели претседателот на Владата, Зоран Заев.

Акцизата нема директно влијание врз инфлацијата, но Владата ќе биде изложена на притисок- во дебатата на Македонската телевизија посочи експертската фела. Буџетскиот дефицит за годинава е 2,9 од БДП, в година е проекиран на 2,7 насто, целта е стабилизација, да се стави ред во јавните финансии и динамиката на брзо задолжување- тврди владата. Експертската со став: параметри се логички наспроти проекциите за раст од 3,2 насто. Во буџетот има доволно потенцијал за поттикнување на јавната потрошувачка, умерено вложување и намалување на дефицитот, но треба да се задржи финансиската дисциплина.

„Социјалдемократските влади не можеа да се пофалат со динамичка реализаиција, имавме и буџетски суфицити, оние кои имаа средства на располагање, мислам на буџетските корисници, за проекти што може да ја потикнат буџетската активност, некогаш бенигно заради објективни околности, некогаш намерно заради пропаѓање тендери, може да се случи буџетскиот дефицит да биде помал, но тоа може да се одрази на економскиот раст“, вели Трајко Славевски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии.

Во државната каса, има повеке пари за плати во здравството, образованието, армијата. Докторите специјалисти треба да достигнат месечен надоместок од 100 илјади денари до 2020 тата- вели Заев. Од приходите, растот на БДП, заштедите на расходите зависи дали ќе има поголеми покачувања. Експертите се согласуваат, но и предупредуваат, реална е можноста колку може да се зголеми месечниот надоместок, но репер треба да биде и проуктивноста, а за стимулација не само плати туку и реформи.

„Само еден сегмент, не може да стимулирате сектор образование, здравство, тоа мора да се прават реформи во повеќе сфери, за да тоа не исчезне. На пример, во Министертството за админситрација треба детална анализа, очекував детална анализа за ефикасноста, ефективноста пред да се случи оваа мерка“, посочува професорот Борче Треновски.

Во октомври има значителен пораст на вкупните приходи за 7,1 процент, сигнал дека работите се движат кон позитивно, вели министерот за финансии. Според Тевдовски, проекцијата на БДП од 3,2 насто говори дека македонската економија ќе излезе од економската смрзната состојба. Пари ќе се собираат и од еврообврзница.

„Во буџетот за 2018-та планираме извори за финансирање да биде домашниот пазар, но предвидуваме можност да излеземе и со еврообврзница, ако цениме дека има поволни услови граѓаните да платат ниска каматна стапка“, објаснува Драган Тевдовски, министер за финансии.

400 милиони евра се предвидени за капитални инвестции, 21 милион повеќе од годинава. Таргет- патиштата, железницата, гасификацијата. Во 2018-та нема простор за даночни реформи, но мора да се штеди кај расходната страна. Да се прават и анализи за ефектите од трошењето пари на буџетските корисници- сугерира академската јавност.

„Кај стоки и услуги се предвидува- заштедуваме седум милиони, но на 240 милиони тоа не е многу за да се пофалиме дека сме заштедиле седум милиони. Јас сум убеден дека има многу повеќе простор да се заштеди отколку овие седум милиони“, вели академик Абдулменаф Беџети, универзитетски професор.

Ова е прва јавна дебата за предлог- буџетот во која владата се соочи со експертската јавност. Проекцијата на државната каса до 15-ти ноември треба да биде доставена до народните избраници.

Сузана Фиданска- Стоевска