Огнена стихија го уништи покривот на Градежен факултет
Три простории и кровната конструкција на Градежниот факултет во Скопје се уништени во пожарот, сега веќе локализиран, што избувна изутрината. Нема повредени. Причината се истражува...

Пожарот што беснееше во просториите на последниот кат на Градежниот факултет е локализиран. Нема повредени. Пожарникарите речиси еден час со 12 возила го гаснеа огнот. Според првичните информации, избувнал во една просторија на вториот кат, а потоа се проширил и во други два кабинета.
Командантот на Противпожарната бригада вели дека пожарот зафатил поголема површина, и гаснењето на височина создавало тешкотии.
„Интервенирано е со 12 противпожарни возила и 26 пожарникари. Спречено е ширење на пожарот и по хоризонтала и по вертикала, материјалната штета дополнително ќе се утврдува. Она што е најбитно за нас е дека нема повредени и нема жртви за време на интервенцијата. Со нашето доаѓање пожарот беше затечен во распламтена фаза, избиен надвор од прозорците, пренесен на кровот, со што беше можно да се прошири и по останатите делови од објектот“, изјави Ѕвонко Томески, командант на Противпожарната бригада.
Во моментот кога избувнал некои студенти имале колоквиум. Тие веднаш ги напуштиле просториите, за што сведочат и професорите.
„Колку што знам имало колоквиум, студентите на време се евакуирани, во канцелариите немало професори.“
„Пред девет часот беше. Противпожарните екипи брзо реагираа и за среќа брзо го изгаснаа пожарот“, велат студенти од Градежниот факултет.
Засега се утврдуваат причините поради кои настанал пожарот, се расчистуваат и опожарените простории.
Викторија Милевска
