Трамп: Кина и САД да се здружат против Северна Кореја
Заеднички до решение за конфликтот на 38-та паралела, Трамп и Џинпинг разговараа во Пекинг за севернокорејската криза и за Тајван...

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите страни мора да се здружат за да го запрат вооружувањето и финансирањето на властите во Северна Кореја. За време на состанокот со претседателот на Кина, Си Џинпинг во Пекинг тој истакна дека САД и Кина се согласиле дека не треба да се потворуваат пристапите од минатото кои не ги дале очекуваните резултати во соочување со кризата.
„Во овој момент целиот свет нѐ набљудува. Со претседателот Си разговаравме за нашата заедничка посветеност за целосна денуклеаризација на Северна Кореја. Се согласивме дека е потребно целосно да се имплементираат сите резолуции донесени од Советот за безбедност на Обединетите Нации и да се зголеми економскиот притисок додека Северна Кореја не го напушти опасниот и непромислен пат“, рече претседателот Трамп.
Трамп напоменал дека воспоставувањето мир ќе бара колективна акција и сила. Си Џинпинг пак, рече дека во Кинеско- американските односи, најважното и најчувствителното прашање е Тајван.
Американските компании, меѓу кои произведувачот на чипови „Квалком“ и произведувачите на авиони „Боинг“ за време на посетата на Трамп на Кина склучиле договори во вредност од 250 милијарди долари. Американскиот претседател за време на престојот во Пекинг изјави дека не ѝ замерува на Кина што ја искористила шансата и остварила трговски суфицит во размената со САД, бидејќи тоа е во интересот на граѓаните на таа земја.
Помошникот руски претседател Јуриј Ушаков изјави дека американскиот претседател ќе одржи средба до рускиот претседател Путин во рамки на Самитот за Азиско- пацифичка економска соработка во Виетнам. Предвидено е средбата да се одржи на 10-ти ноември.
Марина Ристова
