Градежен факултет

Пожарот е локализиран, просториите се расчистуваат

09.11.2017 14:48

Три простории се опожарени изутрината на Градежниот факултет во Скопје. Тој е локализиран. Причините се истражуваат, но за пожарникарите предизвик беше гаснењето на височина. За надлежните од Факултетот, ова е причина повеќе да се изгради нов објект, тој е дотраен и датира од 50-тите години на минатиот век...

Пожарот што беснееше во просториите на последниот кат на Градежниот факултет е локализиран. Нема повредени. Пожарникарите речиси еден час со 12 возила го гаснеа огнот. Според првичните информации, избувнал во една просторија на вториот кат, а потоа се проширил и во други два кабинета. Командантот на противпожарната бригада вели дека пожарот зафатил поголема површина, и гаснењето на височина создавало тешкотии. 

„Интервенирано е со 12 противпожарни возила и 26 пожарникари. Спречено е ширење на пожарот и по хоризонтала и по вертикала, материјалната штета дополнително ќе се утврдува. Она што е најбитно за нас е дека нема повредени и нема жртви за време на интервенцијата. Со нашето доаѓање пожарот беше затечен во распламтена фаза, избиен надвор од прозорците, пренесен на кровот, со што беше можно да се прошири и по останатите делови од објектот“, изјави Ѕвонко Томески, командант на Противпожарната бригада.

Деканите на Градежниот и Архитектонскиот факултет велат дека е огнот се прошил со огромна брзина, оти зградата на факултетот е дотраена и изградена при крајот на 40- тите години на минатиот век. Се пожалија дека противпожарните возила имале проблем при влегувањето во објектот поради сообраќајниот хаос во тој дел од градот.

„За жал имавме мал проблем со сообраќајниот хаос пред влезот на паркингот, каде што не можеа да пристапат возилата за да можат да интевенираат, тоа го разрешија. Интервенцијата беше кратка, во смисла на тоа дека се локализираше пожарот и се обезбеди просторот“, изјави Дарко Маславц, декан на Градежен факултет.

„Дел од вработените на Архитектонскиот и на Градежниот факултет се обидуваа да го изгаснат пожарот, со средствата кои ги имаме, меѓутоа пожарот зазеде такви размери, што не беше можно да се реагира без посебна опрема“, изјви Огнен Марина, декан на Архитектонски факултет.

Во моментот кога избувнал пожарот некои студенти имале колоквиум. Тие веднаш ги напуштиле просториите, им помогнале професорите и вработените.

„Колку што знам имало колоквиум, студентите на време се евакуирани, во канцелариите немало професори.“

„Пред девет часот беше. Противпожарните екипи брзо реагираа и за среќа брзо го изгаснаа пожарот“, велат студенти од Градежниот факултет.

Материјалната штета ќе се утврдува, а сѐ уште се непознати причините за пожарот. Помош за санација на објектот понудил министерот за транспорт Сугарески, а деканите бараат трајно решавање на проблемот со сместувањето на факултетите.

 

Викторија Милевска