Реформа кај данокот на добивка
Владата веќе најави воведување на прогресивна стапка кај персоналниот данок на доход за највисоките плати од 1-ви јануари 2019-та, но ресорот за финансии размислува и за реформа кај данокот на добивка. Според советникот на министерот, Бранимир Јовановиќ, овој вид данок е далеку покомплексен отколку персоналецот...

Владата веќе најави воведување на прогресивна стапка кај персоналниот данок на доход за највисоките плати од 1 јануари 2019-та, но во ресорот за финансии се работи и на реформа кај данокот на добивка. Според советникот на министерот Бранимир Јовановиќ, овој вид данок е далеку покомплексен отколку персоналецот, при што е најважно правилното регулирање на можноста даночните обврзници, правни лица, законски да ја намалуваат даночната основица. Со користење на таканаречени трансферни цени компаниите ја намалуваат даночната основа и затоа и ММФ побарал од Владата овие промени да се направат ургентно.
„Компаниите имаат можност да книжат услуги помеѓу поврзани субјекти по т.н. трансферни цени и на тој начин ја намалуваат даночната основица. Така што тоа е едно горливо прашање и мора да се адресира. Имавме и мисија со ММФ во врска со ова прашање и оваа промена мора да се направи ургентно“, изјави Бранимир Јовановиќ- советник на министерот за финансии.
Даночни реформи бараат и невладините организации. Притоа не се мисли само на воведување прогресивни стапки кај повисоките износи на плати, туку се иницира и промена кај данокот на добивка, каде што невладините детектирале законски дозволено изигрување на даночната основа, односно компаниите партиципирале далеку помалку одколку граѓаните. Профитите мора да се оданочат особено енормните.
„Не треба да се воведе само прогресивно оданочување кај персоналниот данок, туку конечно тука да дојдат и фирмите, затоа што банките од година во година рушат рекорди во остварени приходи. Да се напушти моделот на рамни даноци и огромни даночни ослободувања и веднаш да се спроведе даночната реформа, со акцент на прогресивно оданочување. И тоа кај добивката“, вели Бојана Мијовиќ- Христовска, Тинк- тенк „Аналитика“.
Нема емпириски докази дека политиката на рамен данок повеќе ја стимулирала економијата, покажало истражувањето на невладиниот Тинк- тенк „Аналитика“.
Искуствата кај развиените земји и кај членките на ЕУ покажуваат дека најголемите компании не ги плаќаат законските даночни стапки, туку добиваат поврат од државата. Во Унгарија каде што даночната стапка за добивката е 9 насто, најголемите 10 компании плаќаат само половина процент, вели Христовска. Овие изигрувања законски се дозволени, но се неправедни, и мора еднаш засекогаш да се прекинат ваквите можности и нужни се реформи кај данокот на добивка. Во структурата на даночни приходи кај нас данокот на добивка учествува со скромни 11 насто.
Свето Николовски
