АПЕК

Трамп: Нема да толерирам хронична злоупотреба на трговијата

10.11.2017 12:48

Американскиот претседател Трамп ги пофали успесите на Азиско-пацифичкиот регион, па ги предупреди членките на АПЕК да не ја злоупотребуваат трговијата. За проблемите во економските случувања ги обвини и неговите претходници во Белата куќа. Азиската турнеја ја завршува на Филипините на 13-ти ноември...

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека нема да толерира „хронична злоупотреба на трговијата“. Во обраќањето на Самитот за Азиско- пацифичка економска соработка познат како АПЕК, кој се одржува во Да Нанг, Виетнам, Трамп нагласи дека Соединетите Американски Држави ќе соработуваат сѐ додека сите земји-членки ги почитуваат правичноста и реципроцитетот. Наместо мултилатерални, Трамп предложи билатерлани договори со земјите кои би му понудиле подобра зделка. АПЕК го сочинуваат 21 економија од двете страни на пацифичкиот регион кои создаваат околу 60% од светскиот бруто-домашен производ.

„Ви нудам обнова на партнерството со Америка и зацврстување на пријателските и економските релации меѓу сите индо-пацифички нации за да се промовираат просперитетот и безбедноста во сржта на оваа соработка. Кога САД влегуваат во трговски однос, очекуваме партнерите да ги следат правилата“, изјави претседателот Трамп.

Зборувајќи за регионот, неколкупати го употреби терминот „индопацифички“ со кој се дефинира новиот геополитички поглед кон Азија. 12-дневната азиска турнеја ја завршува на 13-ти ноември на Филипините.

Откако ја презеде претседателската функција, Трамп ја спроведува агендата „Америка на прво место“, и ја повлече земјата од регионалното Транспацифичко партнерство кое се смета за важна трговска спогодба меѓу 12 нации, поради според него, загрозување на економските интереси на САД.

Маја Филдишев