Буџетот доставен до Собранието

Заев: Државната каса има развојна компонента

10.11.2017 16:13

Владата го усвои предлог- буџетот за в година и го прати во Законодавниот дом. Премиерот Заев тврди- државната каса има развојна компонента, гарантираме домаќинско и ефикасно управување со парите, обезбедени се повеќе средства за граѓаните и за стопанството. Дел од препораките по јавната дебата се вметнати во предлогот, има простор за нови идеи...

Буџет со развојна компонента, во фокусот напредок на економијата, отворање нови работни места– ова е главната карактеристика на предложената државна каса за в година, оцени премиерот Заев. Ветува реализација на предвидените капитални инвестиции кои се на ниво од околу 400 милиони евра, кратење на непродуктивните трошоци, непречена исплата на плати и пензии. Растот на економијата се проектира на 3,2 процента.

„Испланираниот буџет за 2018 година обезбедува и услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот. Ќе целиме кон што поголема реализација на капиталните инвестиции како важен сегмент за планираниот раст на економијата за наредната 2018-та година“, изјави премиерот Заев.

Со предложениот буџет се предвидени повисоки плати во образованието, здравството, одбраната. 988 милиони денари се планирани за активните политики за вработување. Заев вети финансиска помош и за домашните и за странските компании, субвенции за земјоделците. Буџетските приходи ќе се зголемуваат  преку зголемување на акцизата на нафта за три денари.

„Со ваквиот потег ќе направиме сериозен исчекор и кон усогласување со европските стандарди и регулативи со цел намалување на загадувањето на воздухот. Малопродажната цена на дизелот, и покрај покачувањето, останува најниска во регионот, со вредност од 0.86 евра, додека во сите други држави од опкружувањето цената е меѓу едно и едно и пол евра по литар дизел. Зголемувањето е минимално во однос на европските препораки“, рече премиерот Заев.

Предлог- буџетот  за 2018- та година беше ставен на јавна дебата. Државната каса ќе тежи вкупно 3,4 милијарди евра, буџетски дефицит изнесува 2,7 проценти од БДП.

 

Дијана Ценевска