Швајцарија со жесток отпор против Канаѓанките
Тројниот олимписки шампион во раната фаза оствари предност, благодарение на двата гола на Натали Спунер и едниот на Мелоди Даст...

Во финалето на женскиот хокеарски турнир во Сочи ќе играат Канада и САД. Во второто полуфинале, Канаѓанките потешко од очекувањата ја совладаа Швајцарија, со 3:1. Сепак, тројниот олимписки шампион во раната фаза оствари предност, благодарение на двата гола на Натали Спунер и едниот на Мелоди Даст за само 4 минути во средината на првата третина, по што Џесика Луц намали во вториот период.
Канаѓанките во завршните две третини упатија 32 удари кон голот, но Шелинг беше несовладлива, при што во седум наврати имаше сојузник во стативата. Швајцарија која е дебитант во големата четворка, го претрпе најтесниот пораз во досегашните настапи со големиот противник, по што ќе игра за бронзениот медал против селекцијата на Шведска.
