Подготовки за откуп на тутунот

13.11.2017 10:11

До крајот на неделава девет претпријатија кои годинава склучуваа договори со тутунарите и кои обезбедиле пари за плаќање на тутунот ќе можат да почнат со откупот. Според Законот, стартот на откупот може да почне од 15-ти ноември или најдоцна до 15-ти декември, со претходно добиени мостри.

Според пријавените договори од деветте откупни претпријатија од реколта 2017-та година, се очекува да се откупат 26.000 тони суров тутун.

Тутунарите пак проценуваат дека можно е да недостасуваат 2.000 тони поради што и се надеваат дека поголемата побарувачка ќе донесе и поголема откупна цена и пореална проценка на класите.

Дали повторно ќе има трка кој ќе купи повеќе по стартот на откупот кој официјално може да почне од оваа недела, 15-ти ноември, или најдоцна до 15-ти декември и колкава ќе биде просечната цена за килограм сѐ уште е неизвесно.

Лани, таа беше за 14 денари повисока од претходната односно 196 денари за измерен килограм.

Од откупните претпријатија веќе има најава дека за претстојниот откуп парите се обезбедени.

Комисијата за верификација на мострите до 13-ти ноември треба да ги изготви мострите по што откупот може да почне од 15-ти ноември.

Методија Трајков