ЗОИ 2014, Сочи, скијачки скокови екипно К-140

Германија на врвот, Касаи со уште еден медал!

17.02.2014 21:27

По осум скокови, германскиот квартет собра 2.7 бода повеќе...

Германија го прекина деветгодишното владеење на Австријците на големите настани во екипните скијачки скокови. Стана најтрофејна нација во оваа дисциплина на зимските олимпијади, откако Андреас Ванк, Маринус Краус, Андреас Велингер и Зеверин Фројнд ја симнаа од престолот златната селекција од Игрите во Торино и во Ванкувер. На Германците ова им е трето најблескаво олимписко одликување.

По осум скокови, германскиот квартет собра 2.7 бода повеќе од Михаел Хајбек, Томас Моргенштерн, Томас Дитхарт и Грегор Шлиренцауер, коишто дојдоа со големи амбиции и очекувања, но дури во последниот настап во Руски Горки Центарот го однесоа во Австрија единствениот трофеј од Сочи.

Уште еднаш своето име во историјата го запиша вонвременскиот Норијаки Касаи. Два дена по среброто во поединечна конкуренција, ја понесе Јапонија до прва екипна олимписка бронза, точно дваесет години откако освои екипно сребро во Лилехамер. Овој пат во негово друштво беа Рерухи Шимицу, Таку Такеучи и Даики Ито. Тие беа далеку од борбата за златото, но и безбедни од заканите на селекциите под нив.

Двојниот шампион Камил Стох  беше недоволен за Полска да освои трофеј и екипно, а Словенците ги загубија шансите уште на првиот ден од Игрите, кога Роберт Крањец го повреди коленото, па не можеше да биде на  потребното рамниште.