Расте бројот на жртви во земјотресот во Иран и Ирак

13.11.2017 12:36

Се зголемува бројот на жртвите во земјотресот на граничниот предел меѓу Иран и Ирак. Поради нестабилните и неквалитетните градби кои се во опасност од свлечишта, расте и бројот на повредени. Силен земјотрес на азискиот континент е регистриран и во близина на Јапонија, но нема информации за жртви.

Над 300 жртви и илјадници повредени во земјотресот од 7,3 рихтери на границата меѓу Иран и Ирак. Засолниште побарале околу 70 илјади луѓе. Укажувањето на лекарска помош е отежнато бидејќи се урнати неколку болници. Бројот на жртвите и повредените се зголемува и поради свлечиштата на ридските предели каде што се изградени многу населби.

„Одеднаш падна стаклото од масата. Многу чудно. Вентилаторот почна да се тресе. Се исплашивме зашто знаевме дека мора да бегаме, куќата ни е стара.“

„Бегав од дома кога почна постресот. Но паднав и ја удрив главата во стакло. Со срчите си ја исеков раката“, велат жители.

По првиот потрес, имало 12 последователни со интензитет од околу 4 рихтери кои биле почувствувани и во Турција, Израел и Кувајт.

Иран е трусно подрачје поради судирањето на тектонските плочи меѓу Арабија и Евроазија коишто секоја година се поместуваат кон север за неколку сантиметри. Природна формација од овој процес се планините Загрос.

Катастрофален земјотрес со десетици илјади жртви во Иран се случи и во 2003 година кога беше урнат до темел историскиот град Бам.

 

Маја Филдишев