Собрание

Продолжи расправата за Законот за јазици, ставовите останаа дијаметрално спротивни

13.11.2017 15:49

Расправата продолжи, ставовите останаа дијаметрално спротивни. За парламентарното мнозинство Предлог- законот за употреба на јазиците не го нарушува унитарниот карактер на државата и ќе проднесе за подобар соживот во земјата. Опозицијата не отстапува- актот е неуставен и неговата примена ќе доведе до двојазичност на целата држава...

Ние сме за развој на мултиетничко општество, за евроинтеграции, но не на овој начин каде непотребно албанскиот јазик се прави втор официјален во земјата, рекоа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на новото продолжение од расправата за Предлог- законот за јазиците. Велат дека власта не ја интересираат државните интереси, туку политичките договори. Реплицираа од ДУИ- Уставот не смее да е пречка за практикување на правата. Албанците се реалност во Македонија.

Социјал- демократите остануваат на тврдењето дека со Законот не е загрозен македонскиот јазик. Според нив, Законот за употреба на јазиците нема да ја наруши безбедноста, во согласност е со Уставот и обезбедува целосна граѓанска еднаквост.

Од опозицијата најавуваат дека ќе поднесат амандмани на Законот за јазиците со цел, како што велат, да се заштити уставноста и да се спречи употреба на албанскиот, онаму каде што нема припадници на оваа етнична заедница.

 

Миле Ристески