Научна конференција во Битола посветена на балканските општества во Првата Светска војна
„Балканските општества во Првата Светска војна – сеќавање и перспектива“. Во Битола меѓународна научна конференција. Во Македонија има автентични локации кои сведочат за линијата на фронтот...

Насоките на иницијативната конференција на Франција одржана пред четири години во Париз за прв пат преточени во научни дискусии. Ако досега во однос на случувањата од Првата Светска војна, приматот беше ставен главно на воените дејствија на меѓународната конференција, „Балканските општества во Првата Светска војна- сеќавање и перспектива“, еминентни личности преку своите научни трудови акцентот го ставија на улогата на населението и социјално- едукативниот момент на опшествата, посебно едукацијата на младите.
„Македонија има што да каже на збиднувањата што го погодија светот пред еден век. И преку учество на македонскиот народ и другите етнички заедници во завојуваните страни, како и фактори при донесувањето на одлуките за крајниот мир“, вели директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев.
Она што ние го имаме како сведоштво и учебник, другите засегнати страни само можат да каскаат. Посебно автентични се локациите на линијата на фронтот во битолскиот регион, а некои оставштини сѐ уште за населението се секојдневие, велат добрите познавачи на теренот.
„Локалното население сѐ уште има траги на тоа воено или поствоено време, сѐ уште има посебно во мариовскиот дел, каде самите куќи се соградени со гранати, а во дворовите имаат разни сувенири“, вели познатиот експерт за деминирање на бомби, Константин Поповски.
Поповски е убеден дека ако се покаже поголема желба за посериозни зафати, овие локации ќе бидат мека за овој вид на туризам во меѓународни рамки.
Стевче Митревски
